Заедно учиме што значи вистинско пријателство
На ден 27.03.2026, во III в одделение се одржа работилница посветена на темата пријателство, реализирана во соработка помеѓу одделенскиот наставник Марија Кочовска и психологот Викторија Јовановска.
Наместо класично предавање, работилницата беше замислена како простор за споделување и отворена дискусија. Учениците разговараа за тоа што за нив значи да се има пријател, кои особини ги ценат кај другите и како изгледа поддршката во секојдневните ситуации.
Преку различни активности и дискусии, се отворија важни прашања поврзани со довербата, искреноста, прифаќањето и почитувањето на разликите.
Во завршниот дел од работилницата, учениците добија задача да нацртаат другарче по случаен избор од одделението – како портрет или приказ на целото тело. Преку оваа креативна активност тие изразуваа како го доживуваат својот врсник.
Работилницата помина во позитивна атмосфера, исполнета со искреност, смеа и отвореност, што уште еднаш го потврди пријателството како основа за здрава училишна заедница.
