Лична карта

 

 

Основното училиште „Стив Наумов” од Битола е едно од најстарите училишта во градот. Низ своето долгогодишно постоење тоа било едно од големите жаришта на писменоста и културата во Битола и Битолско. Во периодот на османлиското владеење на местото каде што се наоѓа основното училиште Стив Наумов-Битола, поточно пред влезот на истото се наоѓало турско женско работничко училиште каде се школувале ќерките на побогатите турци од овој реон. Зградата била прилично стара и руинирана и билазаградена со висока ограда.

Ова училиште постоело сé до 1912 год. Од 1913 год. со поделбата на Македонија на три дела ова училиште било претворено во српско училиште со настава на српски јазик. Училиштето било четиригодишно училиште и се викало „Арнаут Мале“ според реонот во кој се наоѓало истото. Во 1927 год. училиштето го добива името на големиот српски реформатор „Вук Караџиќ“. Тогаш во ова училиште почнал да учи и Стеван Наумов-Стив. Претежно се школувале машки деца, а школувањето не било задолжително. Во училиштето имало 4 паралелки од прво до четврто одделение и една забавишна група, со по 40 ученици. Зголемувањето на бројот на учениците, старата руинирана турска зграда и трошењето на големи финансиски средства за одржување, биле причина училиштето да се затвори, но благодарение на солидарноста Годишна програма за работа на ОУ„Стив Наумов“-Битола на граѓаните и општинскиот претседател биле добиени средства за изградба на ново училиште.

Од 1934 год. започнала изградбата на новото училиште. Новата училишна зграда била изградена на околу десетина метри западно од старата. Претходно на тоа место биле изурнати околу 15 стари руинирани турски куќи, за да се расчисти теренот. Била урната и старата турска ограда и наместо неа подигната нова, модерна со бетонски ѕид и ковано железо. Новото училиште со убавата ограда делувало мошне импозантно и освежувачки сред тогашниот примитивен ориентален амбиент. Учителот Јефтим Ристиќ, кој бил управител на училиштето, дал голем придонес за уредување на училишниот двор. Поради убавиот изглед и уреденоста на училиштето истото било третирано како нагледно училиште и често било посетувано од просветните органи и разни комисии. Училиштето било снабдувано и со вода. За таа цел бил ископан длабок бунар од кој водата со цевки била спроведена до голем метален резервоар што бил поставен на таванот и од истиот биле поставени цевки до чешмата во зградата, во дворот и во бавчата.

По уривањето на старите куќи опфатени со планот за изградба на новото училиште, единствено поштедено било злогласното Зандан-Куле. Според легендата, Зандан-кулето било изградено 17 или 18 век. Кулето има квадратна основа. Ѕидовите му се дебели и цврсти, а прозорците тесни и со двојни железни решетки. Во него се влегувало преку подвижна скала. Во почетокот Кулето служело како магацин за оружје на една помала турска воена единица. Основното училиште Вук Караџиќ со настава на српски јазик работело од 1927 година се до капитулацијата на Југославија, односно до 6.04.1941 година. Училиштето ја продолжува работата, но сега со наставата на бугарски јазик. Напоредно со тоа и името на училиштето било сменето и тоа било прекрстено, па така новото име на училиштето било „Митрополит Григориј”. По ослободувањето на Битола од 4.12.1944, училиштето ја започнува својата работа со настава на македонски јазик, добивајќи го името на некогашниот нејзин ученик, првоборец и народен херој Стеван Наумов – Стив.

ОУ Стив Наумов - Битола